http://www.novamakedonija.com.mk/New...9-5542c5fa25ab


"Во период кога се прекројува иднината на Европската Унија и се осмислуваат новите правци по кои таа ќе се движи во иднина, токму во годината од прославување на 60-годишнината од постоењето на европскиот проект, во изјавите на светските и регионалните политичари може да се препознаат сѐ поконкретни иницијативи за формирање некои идни регионални сојузи на држави од Балканот што би се интегрирале меѓу себе.

Во тој правец може да се толкува и најновата изјава на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан дека целосно ја поддржува идејата за формирање балканска царинска унија. Тој вчера експлицитно ја поддржа идејата на српскиот премиер Вучиќ за формирање балканска царинска унија.
- Го поздравувам активниот придонес на Србија во регионалната соработка, а, исто така, и идеите што водат кон идна интеграција, вклучувајќи ги и предлозите за создавање царинска унија - изјави Хан.

Во истиот контекст, австрискиот канцелар Кристијан Керн на средбата во Белград лани добил и официјален документ за формирање слободен трговски пазар и царинска унија во Западен Балкан. Но што, всушност, значи тоа? Каква е оваа идеја што наидува на висок степен на поддршка во меѓународната заедница? И зошто токму сега?
Според иницијаторот, станува збор за идеја што „има цел да ги зближи нашите територии“ и да се олесни минувањето на стоките. За предлогот биле согласни и одредени високи државни функционери од регионот, како што се претседавачот на Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, и албанскиот премиер Еди Рама.

Предлогот предвидува балканската царинска унија да опфаќа пазар со население од 18 милиони лица и БДП во кој во 2016 година влегле 243 милијарди долари.
Ваков позитивен став веднаш по Вучиќ, речиси симултано, изнесе и албанскиот министер за финансии Арбен Ахметај, додавајќи дека за такво нешто била дадена иницијатива и од страна на албанскиот премиер Еди Рама.
- Тоа е идеја дадена и од премиерот Еди Рама во рамките на трговските олеснувања во Западен Балкан. Тоа е иницијатива што, доколку се случи, ќе ги фаворизира економскиот развој на регионот и привлекувањето странски инвестиции - изјави Ахметај.

Според него, царинска унија значи сите балкански земји да функционираат како единствен економски блок, станувајќи единствен интегриран пазар.
- Многу е значајно четирите економски слободи поврзани со пазарот, капиталот, луѓето и инвестициите да се движат без бариери во оваа зона - смета албанската министерска за економија Милва Икономи.

Освен политичарите, идејата наиде на поддршка и од експертите, иако некои од нив сметаат дека реализацијата на овој проект е тежок процес.
- Ова е предизвик што треба да го имаат предвид сите земји од регионот за да се движат на повисоко ниво на интеграција - нагласува експертот Илир Цико за медиумите од Албанија.
Дека овој процес сериозно се разгледува може да се заклучи и од изјавата на претседателoт на Европската комисија, Жан Клод Јункер, по повод 60-годишнината од постоењето на европскиот проект.

Во едно од предложените сценарија како би требало да изгледа ЕУ до 2025 година се предвидуваат внатре во Унијата нови мини-унии што ќе бидат можни коалиции околу конкретни прашања поврзани со соработка во различни области, како на пример одбрана, внатрешна безбедност, даночни или социјални прашања.
Новите мини-унии можат да договорат, пак, конкретни правни и буџетски аранжмани за да ја продлабочат соработката во разни сфери. Како што досега беше направено со еврозоната или со шенген-зоната, членките ќе треба да ги договорат правата и одговорностите од учеството во овие мини-унии во однос на заедничката рамка што ја обезбедува ЕУ. Другите земји може подоцна да се приклучат кон овие мини-унии, како на пример Македонија и сите други земји од Западен Балкан што засега не се членови. Таквото сценарио значи дека единството во ЕУ ќе се задржи, а истовремено ќе се засили соработката во некои сфери според потребите на некои членки. Правата на граѓаните што произлегуваат од европските закони ќе зависат од тоа во какви мини-унии, како на пример балкански сојузи, членуваат земјите. Во унијата на мини-унии се отвора прашањето за одговорноста и за транспарентноста при носењето одлуки на различни нивоа.

Политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во однос на оваа тема вели дека најпрво мора да се направи анализа за да се разбере интересот на државите, пред сѐ на Македонија, а дури потоа да се почне да се размислува за евентуално приклучување кон иницијативите за регионално здружување.
Првиот германски амбасадор во Македонија, Ханс-Лотар Штепан, во својата книга на тема поврзана за формирање балкански сојуз пишува дека идејата за градење на балканскиот сојуз не е нова работа, туку тој се иницира од почетокот на минатиот век, а оттаму и мотивите за неговото основање, неговите цели се добро познати за сите што живеат во регионот.

Авторот истакнува дека низ историјата балканското здружување на државите, иако било краткотрајно, било евидентно и можело да се препознае преку војните за ослободување од Турција, па здружувањата на балканските земји во Првата и Втората светска војна, па преку формирањето на Југославија, до сегашните иницијативи, кои треба да се сосема природни во денешницата и да не нѐ чудат.
Генералниот секретар на Регионалниот совет за соработка (РСС), Горан Свилановиќ, неодамна во Минхен, на конференција организиран од фондацијата БМВ изјави дека „еден регион - една економија“ може да биде добредојдена новина за земјите од Западен Балкан, но само ако е следена со почеста интеракција од ресорните министри од регионот и нивните колеги од институциите од Европската Унија. Оценувајќи дека постои парализа на реформите во регионот, Свилановиќ ја истакна клучната потреба Европската Унија да го вклучи Западен Балкан во својата визија за иднината, и тоа пред сè со поголемо ангажирање за решавање на нерешените прашања меѓу земјите, кои го спречуваат нивниот напредок.

Очигледно е дека во европските кујни се подготвува нешто како решение за балканското буре од чија експлозија стравува и Европа.
Прашање е колку ние го сакаме тоа решение и дали таквото решение ќе биде наметнато или ќе се протнува на мала врата? Секако, ние треба да знаеме што сакаме. Во услови на долготрајна криза, тешко дека вистински и рационално ќе одговориме на ваквите предизвици."