2
http://makfax.com.mk/daily-news/%D0%...4%D0%B8%D0%BD/
Партијата на Бачев се прекрсти во Единствена Македонија, ќе се залагаат за сојуз со Русија
16:54 | јануари 21, 2018
Централниот комитет на „Народно движење за Македонија“, одлучи партијата да се преименува во „Единствена Македонија“, и да се залага за Сојуз со Русија и членство во Еворазиската унија.
Во изјава за медиумите, претседателот на партијата, Јанко Бачев оцени дека денешните одлуки се од историски карактер за партијата и истакна дека заменик претседател на „Единствена Македонија“ ќе биде Стефан Влахов Мицов, а за членови на извршниот комитет се избрани Драган Угриновски од Македонското патриотско здружение „Тврдокорни“, Зоран Јованчев претседател на Здружението „Македонија и Русија“ – МиР, Вангел Симев универзитетски професор и поранешен пратеник, како и приватните бизнисмени Игор Јорданов и Ацо Николовски.
„Новоизбраните членови, заедно со останатите членови ќе го сочинуваат 13-члениот Извршен комитет на партијата. Единствена Македонија ќе се залага за радикален пресврт во македонската политика со повлекувањето на актите за прием на Македонија во НАТО и ЕУ и барање за членство на Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко партнерство со Русија“, рече Бачев.
Заменикот претседателот на Единствена Македонија, Стефан Влахов Мицов рече дека нивната партија се одлучила на стратешко партнерство со Русија од неколку причини, меѓу кои блискоста со менталитетот на рускиот народ, јазикот, културата и традиционалните вредности, заштитата на унитарноста на земјата, како и подигнување на животниот стандард со влегувањето во Евроазискиот сојуз.
„Ние во Единствена Македонија сме против САД, НАТО и ЕУ затоа што сметаме дека тие се новите хитлеровци во светот кои го сакаат уништувањето на словенскиот свет. Тие сакаат да ја избришат македонската држава од мапата на светот и дури и физички да го уништат македонскиот народ. Со нив немаме ништо заедничко. Нашето демократско и антифашиско минато е спротивно на нивното геноцидно варварство“, рече Влахов Мицов.
Bookmarks