https://www.novamakedonija.com.mk/ma...%d0%b5-%d0%b4/

Френсис Ентони Бојл професор по меѓународно право на универзитетот Илиноис, САД


Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии, кои го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот. Во одделот 2 (Ништовност на договорите), членот 46 гласи: 1. Државата не може да се повикува на фактот дека нејзината согласност да биде обврзана со договорот изразена со прекршување на некоја одредба од нејзиното внатрешно право во врска со надлежноста за склучување договори како на причина за поништување на нејзината согласност, освен ако тоа кршење не било манифестно/очигледно и се однесувало на некое правило од нејзиното внатрешно право со фундаментално значење. 2. Кршењето се смета за очигледно ако е објективно јасно за секоја држава, која во врска со тоа се однесува во согласност со вообичаената практика и во добра верба. Значи, ги нагласувам делот на евидентноста на кршењето на внатрешното право и тоа во врска со одредби од фундаментално значење! Во конкретниот случај, јасно е дека повредите на националното право во Македонија биле евидентни/видливи за Грција. А повредите на вашиот устав секако претставуваат одредби со фундаментално значење. Така, како прелиминарна оцена, и без продлабочено анализирање на спецификите на вашиот случај, веднаш ми се наметнува заклучокот дека некоја идна влада би можела да го поништи договорот врз оваа правна основа,а во контекст на Виенската конвенција. Верувам дека ова е добар аргумент од кој може да се почне анализата на слабостите вградени во овој договорен однос. Верувам дека анализата би покажала и други можни правни основи за поништување на договорот, но за почеток би тргнал од оваа одредба. Важно е дека и Македонија и Грција се држави-потписнички на Виенската конвенција и се должни да ја почитуваат. Се разбира, политичката опозиција во вашата земја би можела да го користи овој аргумент во својата политичка битка, нагласувајќи дека доколку биде избрана и дојде на власт ќе поведе постапка за поништување на договорот во согласност со Виенската конвенција за правото на меѓународните договори.