Колку јасно се сеќавате на веќе далечната 2001 година? Ви избледеа ли сцените од конфликтот, од престрелките, од војниците на позиции? Колкумина одамна ги потиснаа сликите за слабо вооружените и бедно облечени македонски војници? Дали денес сето тоа изгледа како одамна гледан филм?

Во пресрет на јубилејот - 20 години од основањето на АРМ, Македонија од земја-генератор на кризи прерасна во држава што главно преку војската придонесува за мир и стабилност, но и го пренесува знаењето во регионот и пошироко. Дека професионалноста на нашата армија е на високо ниво сведочат многуте проекти што се во тек и што ќе овозможат во Македонија да се обучуваат припадници на армиите на целиот балкански регион Некои регионални проекти функционираат веќе десетина години, други се во зачеток, а трети во план. Меѓу позначајните се воениот полигон Криволак, центарот за обука на пилоти и Воената академија.

Продолжение од стр. 1

За неколку години, откако ќе се види како работат, може да се оцени исплатливоста од вложувањето во овие капацитети од регионално значење, сметаат експертите.

Најдобриот полигон
во Европа

Почетокот на формирање како строго доверлива воена тајна на ЈНА од 1963 година, а сега реалност, армискиот полигон Криволак е една од највредните работи што ги поседува АРМ. Тој важи за најдобар воен полигон на европска почва. Со површина од над 1.200 квадратни километри, полигонот зафаќа речиси пет отсто од вкупната територија на државата и е одлична можност за извор на пари на македонската војска.

Армискиот полигон Криволак, кај истоименото село во општината Неготино, има услови за воена обука какви што нема на ниедно друго место на Балканот. Налето е како во пустина, во зима како на Сибир, а теренот е сличен токму на местата каде што сега има оружени конфликти. Тоа е местото каде што нашата и другите армии најчесто тренираат, а од неговите услови бил воодушевен и генералот Мајк Фицџералд, кој ветил дека ќе го промовира Криволак во НАТО. Во тек е втората фаза од уредувањето на полигонот, а потоа тој ќе може да им се издава на армии за одреден надомест со кој би се покривале трошоците.

На Криволак има 300 легла, а планирани се уште толку, за да може да се смести цел пешадиски баталјон. Инфраструктурата на Криволак вклучува полигон за увежбување борба во урбани услови - Мушанци, полигон за планинско увежбување - Јокуш, полигон за вежби во автентични услови - Африканско село, стрелиште за гаѓање со снајпер на позната далечина, стрелиште за гаѓање и полигон за вежбање во фрлање рачни бомби.

Подобрувањата на капацитетите за сместување и инфраструктурата за комуникации ќе продолжат до 2020 година.

Иницијативата за неговата регионална употреба почна уште одамна, прво преку земјите од Јадранската група, а потоа и од други. Досега го посетиле војници од многу држави, меѓу кои од САД, Велика Британија, Франција и од други големи сили, и сите биле презадоволни од условите што ги нуди.

Неофицијалните пресметки што не ги потврдуваат официјалните лица во Министерството за одбрана покажуваат дека македонската држава за користењето на условите што ги овозможува полигонот Криволак на сојузничките армии им наплаќа по 100 евра дневно од војник.

Доколку се пресмета дека полигонот има капацитет да прими 300 војници, простата математика покажува дека дневно АРМ би заработувала по 30.000 евра. Во просек, пак, ако се знае дека воените вежби траат по една седмица, а годишно има барем по десетина меѓународни вежби, тогаш се покажува дека оваа сума не е незначителна.

Врвна обука на пилоти

Оваа учебна година се очекува во Македонија да излезат првите обучувани пилоти што ќе имаат офицерски чин, односно станува збор за питомците на центарот за обука каков што нема во Југоисточна Европа. Проектот се спроведува во соработка со израелската фирма Елбит. Партнерството ќе трае осум години, а потоа сѐ ни останува нам, вклучувајќи ги и опремата и техниката од Израелците. Министерството оценило дека тоа е најдоброто решение за нашите потреби, бидејќи обучени пилоти им требаат и на армијата, и на полицијата, и на Дирекцијата за заштита и спасување, за противпожарните авиони.

И со стратегиските документи од областа на одбраната се укажуваше на тоа дека земјата има потреба што поскоро да основа своја школа за пилоти. Подготовките траеја две години и на крајот се потпиша документот со Елбит, според кој македонската страна ќе вложи 5,3 милиони евра, а Израелците ќе вложат 43 милиони евра.

Според проектот, центарот за обука на пилоти во првите осум години треба да обучи најмалку 52 квалификувани пилоти на хеликоптери. Потреби од вакви центри имаат и другите земји, па затоа овој проект се смета за мошне надежен.

Црногорци - питомци на
нашата Воена академија

По подолг застој проработи и Воената академија, која функционира како високообразовна институција во рамките на универзитетот Гоце Делчев од Штип. Таа претставува профилиран центар за обука на воен персонал од земјава и од странство. Од годинава на нашите питомци им се придружија и десет питомци од Црна Гора, во согласност со билатералниот договор што го потпишаа двете држави. За наредната година се најавуваат нови уписи на питомци од Босна и Херцеговина, Црна Гора и од Косово.

Во организација на Воената академија веќе три години се одржува и летен кампус за питомци на кој активно учествуваат припадници од Велика Британија, Бугарија, Косово, Турција и од Црна Гора.

Но меѓународниот карактер на академијата, според најавите, не треба да заврши само со запишувањето студенти од странство. Кога таа беше повторно отворена се најавуваше дека ќе се направат обиди да се донесат и професори од други земји да одржуваат предавања, па дури и од престижни воени академии, како Вест поинт, најстарата академија во САД.

Полна каса и
добрососедски односи

Пензионираниот полковник Благоја Марковски објаснува дека не е сѐ само во економската добивка од функционирањето на регионално ниво на нашите образовни армиски капацитети. Со тоа што ние ги нудиме нашите услуги на балканските земји истовремено ја зголемуваме регионалната доверба, но и го збогатуваме нашето сопствено искуство за комуникација со странски армии.

На тој начин, објаснува Марковски, се зацврстуваат пријателствата со сојузничките земји, особено во регионот на Југоисточна Европа, каде што тој процес е од исклучително значење за светскиот мир.

Тој смета дека многу зависи и од тоа дали ќе се направи добар план за нивно опремување и стопанисување, но можностите да се развијат вакви центри се големи, како поради географската положба на нашата земја така и поради условите што сега ги имаме.

Емил Димитриев, заменик-министер за одбрана, смета дека нашата армија токму со овие чекори покажува дека е можно да се има и економска корист од нашето искуство и знаење. Токму овие проекти на АРМ од воените аналитичари во државата, но и во регионот се оценети како исклучително паметен и стратегиски чекор на македонскиот воен врв, а со нив ем се полни државната каса, ем се зацврстуваат добрите односи со соседните држави.

- Отвореноста на нашите капацитети за обука и образование на припадниците на партнерските армии произлегува од заедничките вредности за кои сите се залагаме. Тука се и заедничките интереси во стратегиски важниот Балкан, регионалната соработка и развојот на добрососедските односи, но пред сѐ градењето доверба помеѓу армиите на патот кон траен мир и стабилност во регионот - вели Димитриев.

Според заменик-министерот, земјите на Балканот се мали и би било залудно сите тие да основаат паралелни тренинг-центри, па нашата држава им ги нуди своите веќе постојни капацитети на нашите соседи.



http://novamakedonija.com.mk/NewsDet...tIzdanie=22659